01
Болки во крстот
Тапа болка ниско во грбот што се буди при долго седење, наведнување или кревање.
- Како настанува
- Крстот трпи најмногу кога телото стои во иста положба со часови. Мускулите околу 'рбетот се стегаат, зглобовите губат подвижност, а притисокот се пренесува врз дисковите.
- Што работиме
- Прво се бара кој сегмент е блокиран. Потоа се ослободува зглобот и се опушта мускулатурата околу него, за да престане да ја држи болката.
02
Ишијас
Болка што тргнува од крстот и слегува низ задникот и ногата, најчесто само од едната страна.
- Како настанува
- Кога нешто притиска врз седалниот нерв — оток, стегнат мускул или испакнат диск — сигналот се шири по целата должина на нервот.
- Што работиме
- Се растоварува нервот и се опушта мускулатурата што го притиска. Добар знак е кога болката почнува да се повлекува од ногата нагоре кон крстот.
03
Дискус хернија
Испакнат диск што притиска врз нервот и дава болка, трпнење или слабост во раката или ногата.
- Како настанува
- Дисковите со години губат вода и еластичност. Едно погрешно кревање или долги часови седење се доволни за дискот да се испакне надвор од своето место.
- Што работиме
- Се намалува притисокот врз засегнатиот сегмент и се враќа подвижноста на прешлените над и под него. Работата е постепена и се води според тоа како реагира телото.
04
Притиснат нерв
Трпнење, печење или чувство на струја што се шири надолу по раката или ногата.
- Како настанува
- Прешлените или мускулите околу нервот се стегаат и го стеснуваат просторот низ кој нервот минува.
- Што работиме
- Се отвора тој простор со внимателна манипулација и се опушта мускулот што го стеснува.
05
Болки во вратот
Вкочанет врат, тешко вртење на главата, болка што се шири кон рамото.
- Како настанува
- Најчесто од долги часови гледање во екран, спиење во лоша положба или стрес што ги држи рамењата подигнати.
- Што работиме
- Се враќа подвижноста на вратните прешлени и се опушта мускулатурата меѓу вратот и рамото.
06
Тензиски главоболки и мигрени
Притисок околу слепоочниците или тежина што почнува од тилот и се качува нагоре.
- Како настанува
- Стегнатите мускули на вратот и горниот дел од грбот ги надразнуваат нервите што одат кон главата. Затоа многу главоболки всушност почнуваат од вратот, а не од главата.
- Што работиме
- Се работи на вратот и на тилот. Кога напнатоста таму попушти, главоболките обично стануваат поретки и послаби.
07
Лошо држење на телото
Спуштени рамења, глава испакната напред, грб што брзо се заморува.
- Како настанува
- Телото се навикнува на положбата во која најдолго стои. Со години едни мускули се скратуваат, а други слабеат, и таа разлика станува трајна.
- Што работиме
- Се ослободуваат блокираните зглобови и добивате неколку едноставни вежби за дома, за телото да не се враќа на старата навика.
08
Вкочанети рамења
Тешко кревање на раката, болка при облекување или при спиење на таа страна.
- Како настанува
- Од повторувачки движења, носење тежина на едно рамо или подолга неподвижност по повреда.
- Што работиме
- Опсегот на движење се враќа постепено, со работа врз самиот зглоб и врз мускулите околу лопатката.
09
Спортски повреди
Истегнување, блокада или болка што се јавува по тренинг или натпревар.
- Како настанува
- Мускул што не е доволно загреан, нагло движење или оптоварување на веќе заморено тело.
- Што работиме
- Прво се смирува острата фаза, потоа се враќа подвижноста, за да не остане трајна блокада.